"ГЛАС ЈАВНОСТИ": ЈА ЖРТВУВААТ МАКЕДОНИЈА ЗА
ОДБРАНА НА НАТО
Скопје,
20 јули (МИА) - "Каде оди овој бел свет в петок во Ѓенова, в сабота во
Македонија?, е наднасловот на текстот "Ја жртвуваат Македонија за да го
одбранат НАТО" на американскиот аналитичар Гари Демпси, објавен во
денешното интернет издание на српскиот весник "Глас Јавности".
Според авторот, како што пренесува МИА, САД ги жртвуваат интересите на
Македонија за да ја оправдаат интервенцијата на Косово. Ова го знаат и
терористите кои уценуваат: обезбедите ни Македонците да ги прифатат
условите, или ќе ви го загорчиме Косово.
"Кон почетокот на овој месец администрацијата на Буш во Македонија го
испрати специјалниот пратеник Џејмс Пердју за да ја присили македонската
Влада на мировни преговори со етничките Албанци". Тогаш, пишува авторот
на текстот, американскиот министер за одбрана Доналд Рамсфелд ги стави
трупите на САД на располагање на НАТО, доколу Алијансата одлучеше да се
распореди во Македонија, што би била трета интервенција на Америка на
Балканот во изминативе шест години.
Демпси пишува дека се поголемите дипломатски и воени ангажмани на
Вашингтон во Македонија не потекнуваат од големата загриженост на САД за
оваа држава, туку од желбата да се затаи фактот дека интервенцијата на
НАТО во Косово беше огромна грешка.
"Со други зборови, она од што се раководи Вашингтон во својата политика
кон Македонија е одбрана на интервенцијата на НАТО во Косово. Тоа во
пракса значи дека креаторите на американската политика целосно се
подготвени да ги жртвуваат интересите на Македонија за да не им
експлодира во лице интервенцијата во Косово", тврди Демпси.
Тој подвлекува дека за жал, терористите меѓу етничките Албанци во
регионот знаат што е вистинскиот приоритет на САД и истиот го употребија
за развивање на еден суптилен облик на уцена: обезбедите ни македонската
страна премолчено да ги прифати нашите услови, или ќе ви го загорчиме
животот на Косово.
Вашингтон очигледно ја разбира оваа имплицитна закана и смета дека е
помалку ризично да им наложи на Македонците да ги исполнат албанските
барања. Работите така стојат, коментира Демпси, бидејќи Албанците имаат
поголема моќ врз Вашингтон од Македонците - имаат можност непрестано да
напаѓаат, сакатат или убиваат припадници на НАТО во Косово, каде има 40
илјади странски војници.
Доколку етничките Албанци на Косово навистина го свртат оружјето во
правец на силите на НАТО, тоа нема да произведе само воен дебакл за
Вашингтон, туку и политичка непогода: на американската јавност би морало
да и се објасни зошто поранешните "сојузници" пукаат на војниците на
Алијансата. Соочен со вакви непримамливи изгледи, коментира авторот на
текстот, Вашингтон одлучи да ја примора македонската Влада да изврши
уставни промени кои во САД би биле недопустливи. На пример, албанското
малцинство во Македонија би добило право на вето "при донесувањето на
кој било закон кој се однесува на главните интереси на Албанците", па
дури и кога оваа законска мерка би ја поддржало парламентарното
мнозинство.
Според "Глас јавности", Вашингтон не сака да признае дека ја брани
интервенцијата на Косово со она што го прави со политиката кон
Македонија. Затоа е подготвен да се согласи со бунтовничката шарада дека
таканаречената ослободителна војска на Косово (ОВК), која делува во
покраината, и т.н. ослободителна национална армија (ОНА), која во
последниве шест месеци се обидува да ја дестабилизира Македонија, се
одвоени организации. Употребата на различни имиња дозволува Вашингтон да
ја поддржува за САД корисната бајка дека сегашните проблеми во регионот
се надворешни во однос на Косово и оти интервенцијата на НАТО нема
никаква врска со кризата во Македонија.
А всушност, пишува Демпси, т.н. ОНА и т.н. ОВК во голема мера ја делат
воената опрема и старешините, па дури и војниците. Дваесет отсто од
припадниците на Косовскиот заштитен корпус, цивилната одбрана која ОН ја
формира за да ги вработи поранешните членови на ОВК, во моментов
недостасуваат и се борат во составот на ОНА. Подеднакви се и кратенките
за овие две групи на албански - УЧК, и само оние кои се од надвор ги
користат кратенките ОВК и ОНА.
"Вистината е дека мирот на Косово е лажен мир. Таканаречената ОВК и
нејзините ограноци не се откажаа од нивната воена цел - "Голема Албанија".
Но подготвеноста на терористите да продолжат да напаѓаат, да се борат и
да провоцираат воопшто не е ирационлна. Таа е логична последица на
вашингтонската погрешно замислена интервенција на Косово во 1999 година"
тврди Демпси.
Навистина, констатира авторот, раката на терористите е зајакната и
осоколена од фактот што воздушните напади на НАТО врз Југославија, од
нив направија победници. Со оглед на таквиот исход, терористите не се
многу заинтересирани да ги послушаат наредбите на Вашингтон, особено
кога тие се во спротивност со нивната националистичка визија за иднината
на Балканот.
Вашингтонската политика на Косово, сосема предвидливо, не доведува до
резултати кои, како што ветија нејзините творци, ќе им дозволат на
американските трупи конечно да се вратат дома. Всушност, коментира
авторот на текстот, се случува спротивното: се разгледува можноста САД
да испратат дополнителни трупи на Балканот.
Одбраната на една погрешна интервенција само што не довела до нова,
коментира Гари Демпси чиј текст е објавен во денешното интернет издание
на српскиот весник "Глас Јавности".
Инаку, Гари Демпси е аналитичар на надворешна политика во Кејто
институтот од Вашингтон и е експерт за безбедносни прашања на САД,
посебно во однос на Балканот. |