
Село Лешок, во
вторникот на 24 јули, повторно, како и пред 57 години, беше
заземено од албански банди. Тие и овојпат, како и во 1944
година, кога владееле само 61 ден, го малтретираа,
ограбуваа и иселуваа македонското население. Селаните од
Лешок десетина дена, додека селото беше опколено, немаа
заштита од полицијата или од кој било друг во државава, иако
селаните очајно бараа помош. Жителите раскажуваат како со
"голи раце", со дванаесете останати полицајчиња, крвнички
се бореле да ги одбранат своите родни огништа од албанските
терористи. Кога на селаните им се потроши муницијата, тие
присилно беа истерани. Еден лешочанец загина во борбите,
многумина беа ранети. Останатите малтретирани и понижени.
Терористите, иако конкретно во Лешок нема ниеден Албанец,
го опколија и го нападнаа селото од три страни. Без некој од
жителите да биде поштеден, насилно, со пушки вперени во
нивните глави, беа истерани од албанските терористи, кои,
како што велат селаните, им рекле дека тоа "парче земја
отсекогаш било албанско, а дека такво и ќе остане отсега па
натаму". Жртви на теророт, на етничкото чистење, на
тепањето и малтретирањето беа, без исклучок, и старци, и
болни, и деца, и жени.
Блаже Дамјановски, 95-годишен најстар жител на Лешок,
раскажува како "младите Шиптари во црни униформи со пукање
го истерале од огништето каде е роден тој и неговите предци".
Тој болно се присетува на настаните од пред неколку дена. "Гледав
вести кога слушнав пукотници од кај Непроштено. Слегов долу
на спратот и му се јавив на син ми. Тој ми вика: "Брзо тато скри се".
Не го послушав и излегов надвор. Тогаш дојде еден иредентиста
и ми рече: "Стари напред". Го прашав: "А, вие наши сте?", а тој
мене: "Не! Ај, не зборувај многу, туку оди напред". Се налутив и
почнав да му викам: "Ти со какво право мене ме истеруваш, кога
јас овде сум роден. Водата од реката ни ја секнавте, нивите ни
ги исушивте, од уста лебот ни го украдовте. Три војни имам
преживеано. Абе, турско било, ова не било", вели дедо Блаже.
Со солзи во очите тој продолжува да кажува како терористите,
откога виделе дека тој нема намера да оди по другите селани,
го фатиле под мишки и насила, симнувајќи го по скали, го
натерале да врви по патот. "Не ми дадоа ништо да земам. Им
реков барем да ја заклучам вратата, а тие мене со иронично
смеење: "Не бери гајле, ние ќе ти ја заклучиме". Дедо Блаже се
присетува дека се на се внатре во селото од манастирот, каде
што имало уште, биле симнати 8 терористи и еден постар
командант. Како што тој кажува, "сите биле млади од 18 до 20
години облечени во црни униформи, а само командантот имал
околу 40". Потоа, објаснува тој, терористите ги собрале
жителите во една штала во Лешок и им рекле да одат во
соседното село Жилче. Вели дека за да ги заплашат, запалиле
неколку плевни. Иако некои не можеле ни да одат, како што бил
некој негов сосед со штаки, терористите со сила ги бркале, а
некои ги тепале со кундаци и со шипки. Во Жилче селаните
преспале, а наредниот ден сите заедно решиле да одат пред
Собранието на Македонија.
Дедо Блаже не може да си верува што се преживеал овојпат. Тој
се присетува за некои минати времиња и војни кога бил
заробеник. Прави паралела меѓу односот на албанските
терористи и тогашните италијански и германски окупатори. "За
време на Втората светска војна бев заробеник на
италијанската војска. Не заробија некаде кај Дебар. Отпрвин
нашите војуваа со Италијанците, а тие, пак, бидејќи не сакаа
да убиваат луѓе, веднаш се предадоа. Потоа дојдоа Германците.
Тие за пола саат го собраа нашиот фронт и не предадоа како
заробеници на Италијанците, заедно со српската војска. Не
однесоа, мислам, во Елбасан. Беа многу добри кон нас. Не
избањаа, не сместија во удобни шатори со слама, а се сеќавам
дека ни даваа и три јадења дневно: наутро пола кило леб со
млеко, за ручек грашок со месо без коска. Не забораваа после
секој ручек да не послужат и со лонче црвено вино. Како божем
бевме на гости". Тој објаснува дека заробеништвото траело
60 дена и дека после тоа дошле Бугарите и ги ослободиле. "Тогаш
многу работи беа појасни. Се слушаше само гласот на Англија и
на Франција, а Америка не смееше воопшто да се меша. Денес се
е попара, ништо повеќе не се знае", вели 95-годишниот старец.
Дедо Блаже сега е сместен кај својот син Крсто во Скопје. Иако е
на сигурно, тој не мирува. Со јад во душата тој секојдневно
мисли на убавините на Лешок и се грижи за својата куќа, во
која не само што тој е роден туку и многу негови предци. Не
може да разбере зошто сево ова се случува, кога сите
Македонци и Албанци досега живееле добро меѓусебе.
Раскажува како им помагале на Албанците од соседните села,
како им давале јадење, постелнина, покуќнина, костуми и
друго. "Шиптарите сигурно ќе ни ги ограбат куќите, а којзнае
дали ќе ни ги остават и здрави. Јас, како и да е, морам да се
вратам во Лешок и да го завршам животот до мојата љубов
Трпана, која е закопана таму. Цел мој живот остана таму. Се
лажат овие иредентистиве ако мислат дека тукутака ќе ни ја
земат Македонија. Татко ми живеел 110, а чичко ми 115 години.
Ми раскажуваа моите дека на чичко ми му израснале дури и
нови заби. И јас, ако треба, ќе живеам толку, ама ќе се вратам.
Не може некој со сила да остане онаму каде што не му е местото
и не припаѓа".
Целата фамилија Дамјановски се познати фурнаџии: дедо
Блаже, неговиот татко, дедо, прадедо. Тој заедно со своите
четири браќа во 1930 година ја отвориле својата прва фурна
во Скопје кај поранешната кафана "Победа". Ја нарекле "Браќа
слога", како симбол за нивната нескршливост, љубов и
меѓусебно поврзување. По Втората светска војна таа била
затворена, за неколку децении подоцна неговите наследници
да ја продолжат традицијата отворајќи ја познатата скопска
фурна и бурекчилница "Златен клас".
Дедо Блаже, 95-годишниот витален старец, на кој не му се тресат
ни рацете, вели дека има намера да живее се додека не ги омажи
своите две мали чукунвнуки Теодора и Нина, а и за повторно
да ги види како се лулаат во Лешок на лулашката што тој им ја
направил на едно дрво во дворот. Со мек глас вели дека војната,
кај и да е, ќе заврши и дека сите повторно ќе живеат мирно."Јас
Албанците не ги мразам. Ги мразам оние кои сакаат сите да не
скршат. Македонија нема да потклекне, а од ова, сигурен сум,
ќе излеземе само посилни од кога и да е порано", порачува
дедо Блаже.
Јорданка Ивановска |