08.08.2001
Десет припадници на безбеднсосните сили на Република Македонија загинаа, а тројца се повредени во нападот што албанските терористи го извршија на воениот конвој кај местото Карпалук на патот Скопје - Тетово, дознава А1 од полициски и воени извори. Министертвото за одбрана потврди дека нападот е извршен околу 9 и 30 а терористите пукале со минофрлачи, тешко пешадиско оружје и автомати. Едно цивилно возило е запалено. Македонските безбедносни сили одговориле на нападот кој траел неколку часа. Патот Тетово - Скопје е затворен. Конвојот утрово тргнал кон воената база Еребино за да ги зајакне безбеднсосните сили во Тетово. Во тетовската населба блок 82 на излез од градот кај автопатот кон Гостивар, од попладнево група од 25 до 30 албански терористи ги претресуваат граѓаните и домовите на резервистите на полицијата и армијата. Поради овие случувања и убиството на 9-те припадници на македонските безбедносни сили, ситуацијата во Тетово е напната. Албанските терористи, во последното деноноќие, во кризните региони продолжија со кршењето на прекинот на огнот, но со смален интензитет во однос на претходниот ден, соопшти Министерството за одбрана. Вооружените провокации на терористите во тетовско се случуваа претпладне и доцна попладне, а во кумановско - липковско во доцните ноќни часови. Прекршување на прекинот на огнот во тетовско е забележано во осум случаи, од кои во два терористите стрелале врз хеликоптери кои превезуваа прехранбени артикли на попова шапка. Екипажот на хеликоптерот, во еден од случаите возврати на огнот. Вооружени провокации на терористите во кумановско-липковскиот регион се евидентирани во пет случаи, но тие биле без сериозна опасност за безбедносните сили на Македонија, заради што не е одговорено. Во тетовско имаше повеќе прекршувања на огнот од страна на албанските
терористи, кои стрелале кон позициите на безбедносните сили и селата Ратае и
Жилче, каде што се засолнети поголем број македонски семејства протерани од
своите домови. |