VESTI - SPORT - TETOVO

Горан Хаџи Иљоски-Чајка пред "јуришот"

НА АВТОПАТОТ ТЕТОВО - ГОСТИВАР
Тетовецот Горан Хаџи Иљоски-Чајка на мотор постигна над 304 км на час

Тетовскиот љубител на екстремни спортови, Горан Хаџи Иљоски-Чајка, завчера постигна брзина меѓу 300 и 310 километри на час, возејќи на автопатот Тетово - Гостивар. Најновиот потфат на овој вљубеник во брзините значи и неофицијален брзински рекорд со мотор на овој автопат. Брзината од повеќе од 300 километри на час со мотор следува извесен по период откако тој постигна толкава брзина со својот автомобил "порше 944".

Чајка стартуваше со мотор Хонда 900РР околу 17 часот од наплатната рампа на автопатот од гостиварската страна, а триесетина новинари и гледачи го очекуваа во Тетово. Резултатот ги убеди и тие што не веруваа во можноста за ваков подвиг - Хаџи Иљоски релацијата ја помина за помалку од 4 минути, постигнувајќи брзина помеѓу 300 и 310 километри на час.

Како награда за постигнатиот резултат тој доби пригоден пехар од генералниот спонзор, автосалонот "Авто-Чајка" од Тетово, кој му го врачи познатата водителка и пејачка Лила Филиповска. (Д.С. - Р.П.)