Пропадна радиомостот на Канал 77 со

"Радиотон" од Сиднеј

 

Прекин на програмата без објаснување
Сиднејските Македонци собрале 500.000 долари помош за семејствата на загинатите бранители


Во саботата претпладне, околу 11, 30 часот по македонско, а околу 19,30 по австралиско време, во Сиднеј, независниот Канал 77 воспостави радиомост со македонскиот "Радиотон" на иселеникот Јон Треневски, по повод уште една хуманитарна вечер на Македонците кои живеат во Сиднеј, за собирање парични донации, за помош на семејствата на загинатите бранители на Република Македонија. Меѓутоа, само по половина час, по најавата на пладневните вести и по ветувањето дека контактот ќе продолжи за десетина минути, без објаснување, мостот пропадна, а Канал 77 продолжи со едночасовен рекламен блок за супите на "Подравка". Поголем број Македонците од Сиднеј потоа бараа објаснување кај свои роднини и пријатели во земјава, дали некој знае зошто се случил прекинот.

Тоа што во тие триесетина минути успеаја да кажат македонските иселеници во Сиднеј, Австралија, се сведе само на кусата порака на Тамара Лозановска и на нешто пошироката порака од Игор Аврамов, претседател на Советот на македонската заедница во Сиднеј. Малата Тамара им порача на носителите на власта во Македонија да и ја зачуваат татковината цела и независна. Меѓутоа, Игор Аврамов беше поконкретен и сосем отворено порача дека македонските иселеници во Австралија се апсолутно против прифаќањето на Рамковниот договор од Охрид, бидејќи тој не може да донесе мир иако странските емисари сакаат во Македонија "да го продадат како решение за мир". Пред сосема да биде прекинат радиомостот, Игор Аврамов порача само уште дека Рамковниот договор ќе донесе толку мир, колку што сличните договори донесоа мир и соживот меѓу Албанците и Србите на Косово. Потоа, мостот пропадна.
Во своето јавување водителот Јон Треневски рече дека во хуманитарните акции за помош на семејствата на загинатите бранители на Македонија, Македонците од Сиднеј успеале да соберат околу половина милион австралиски  долари.

(Г.К.)