Договорен прекин на огнот во тетовско

24.07.2001

Во Тетово вечерва имаше жестоки борби
 
 

Според високи воени извори А1 дознава дека е договорен прекин на огнот во тетовско, на што се должи и смирувањето на состојбата во Тетово во доцните вечерни часови.

Прекинот на огнот го договорил Питер Фејт со Али Ахмети, единствено е спорен прекинот на огнот во реонот кај селото Порој.

Во Тетово вечерва од 18:35 па во наредните три часа се пукаше од сите страни, се слушаа истрели од пешадиско оружје, како и детонации од артилериско оружје. Според дописникот на А1 од Тетово, на повеќе страни може да се забележи пламен од куќи кои горат. Во вечерните часови започна престрелка од реонот на Дреновец кон полицискиот пункт. А се слушале истрели и детонации од повисоките делови на  Шар Планина. Забележано е и зголемено раздвижување во реонот кај Гајре, значајно стратешко место кое може да се искористи за напад кон Тетовското Кале.

Вечерва во Клиничкиот Центар во Скопје е примен еден припадник на Специјалната единица на безбедносните сили на РМ. Повредениот има повреда од шрапнел во десното рамо, извршена е потребна интервенција, и задржан е на клиниката поради понатамошна опсервација.

На патото Тетово - Скопје забележливо е зголемено движење на возила и во двата правци.

Реонот од Тетово до Јегуновце е без стуја поради оштетената 35 kV трафостаница, поради што во Тетово и Гостивар не се гледа програмата на А1 Телевизија.

Албанските терористи денеска претпладне од правец на селото Порој извршиле провокации со пешадиско оружје, на кои не е возвратено, соопштија денеска воени извори. Терористите извршиле еден минофрлачки напад врз пунктот на македонските сили за безбедност на Попова Шапка, кој не е погоден. Забележано е утврдување на албанските терористи во атарот на село Лавце, а тие го продолжуваат притисокот врз македонските жители на потегот Тетово - Јажинце да се иселат и напуштат своите домови. За сите овие активности македонските власти ги известија мониторинг мисиите на Европската Унија и на ОБСЕ. Хеликоптерите на македонската армија денеска извршуваа транспортно извидувачки дејства.