Агенцијата за спорт и млади почна акција за ревитализација на шарпланинската убавица
Попова Шапка во саботата заличи како во старите времиња
Гојко Ефтоски

 
По подолго време, во саботата, на Попова Шапка имаше многу рекреативци
 

ТЕТОВО - Во седум автобуси, неколку комбиња и повеќе патнички возила, во саботата Попова Шапка собра повеќе од 400 групни посетители од Скопје, Кичево, Гостивар, Дебар и од Тетово. За тоа се погрижија Агенцијата за спорт и млади, Иницијативниот одбор за ревитализација на Попова Шапка и уште неколку невладини организации од градовите од каде што се формира конвојот во Тетово, со кои беа и екипи на ОБСЕ, НАТО, Европската унија и на полицијата. "Агенцијата за спорт и млади секој викенд во текот на зимата ќе организира групни посети на Попова Шапка. Ревитализацијата на овој зимски и рекреативен спортски центар е повеќе од потребна", рече Георги Трајчев, директор на Агенцијата за спорт и млади.

Попова Шапка навистина беше онаква како што и прилега: со многу посетители, пред сў млади, но и повозрасни. Од хотелот на "Тетекс" надалеку се слушаше музика, а на платото младите разиграни низ ритамот на музиката, исто онака како што се случуваше и пред две години. "Музиката нема јазични бариери или граници. Има само убава или лоша музика. Овој пат слушаме, пред сў, на македонски и на албански, но и на светските јазици", гласно зборуваа група млади луѓе.

И додека сонцето не можеше да го совлада темниот облак кон манастирот "Св. Наум чудотворец", ветерот како да се поигруваше. Во тој правец забележавме како се упатува поупорна група со ратрак. Но, откако го почувствуваа ветерот покрај ушите, и тие се вратија. Во бифето на караулата на АРМ на топол чај го забележавме Едвард Џозеф, од Меѓународната кризна група. "Многу е важно што Попова Шапка се отвора за посетителите, пред сў за младите. Овде сум прв пат. Гледам извонредни патеки, прекрасни скијачки терени, на терените жичарници и ски-лифтови. Нивното одржување мора да биде приоритет. Тетово е круцијално место за државава", вели Џозеф, кој и самиот е пасиониран скијач. Меѓу посетителите во хотелот "Тетекс" ги забележавме Волфганг Гревен, портпарол на ОБСЕ и Ајтекин Акташ, шеф на Канцеларијата на ОБСЕ во Тетово. "Добро е што вака масовно се најдовме на Попова Шапка. Меѓу посетителите има од различни национални припадности: Македонци, Албанци, но и други. И ова е начин на градење доверба, на меѓусебно зближување", беа нивните зборови.

Една група млади подготвени се упатуваа кон автобусите, напуштајќи ја Попова Шапка. Тие гласно размислуваат: "Тоа што дојдовме има големо значење во надминувањето на несигурноста што постоеше за патување. Еве, видовме дека нема ништо што би создало резерви да не дојдеме пак". Повторно сме во автобусот на "Каро-турс", подготвени да тргнеме кон Тетово. Возачот Благоја Кузмановски од Скопје не го криеше задоволството што се нашол во "благородна улога", како што рече, додавајќи дека ќе се пријави повторно за вакви организирани посети, ставајќи се на располагање на организаторите. Притоа, пројавувајќи истовремено зголемено интересирање за местата и селата што почесто беа споменувани во минатата година: Вејце, Шипковица, Гајре, Лисец и други. На првиот свиок кон надолнината од нашиот поглед се губи целиот комплекс Попова Шапка. Темните облаци и натаму ја надвиснуваа Церипашина.
 

Prevzemeno od http://UtrinskiVesnik.com.mk