Dnevnik donesuva napis za brutalno pretepuvanje na "lavovi" vo Prilep. Ke ostavime na tisinata da ja kaze vistinata!

ПРИЛЕП
Двајца "лавови" брутално претепани во полициска станица!?
Полицијата категорично тврди дека "лавовите" воопшто не биле тепани во станицата и дека всушност биле спасени од претепување група таксисти

Двајца припадници на полициската единица "Лавови", кои завчера биле приведени поради напад врз таксист, тврдат дека без никаква причина биле брутално претепани со шипки тупаници и со клоци во прилепската полиција. Едниот од нив по средбата со колегите завршил со напукнат череп, коски на нозете, ребра и скршени заби. Во локалната полиција демантираат тврдејќи дека двајцата биле спасени од претепување од страна на група таксисти.

Станува збор за "лавовите" Валентино Бошески и Игор Ристески, кои според МВР, во пијана состојба истепале таксист од селото Славеј. Наспроти полицијата, двајцата "лавови" тврдат дека не го нападнале таксистот, туку имале вербална расправија со него, по што биле приведени во полиција каде биле претепани.

- Околу 5 часот наутро не приведоа со комби и лисици како да сме криминалци. Во комбито јас им реков на полицајците дека сум нивен колега, а тие почнаа уште таму да ме маваат по глава. Ме однесоа во полициската станица, каде што двајца полицајци ме тепаа со пендреци по нозете, по грбот, лицето и ме пцуеја на сите можни начини. Потоа викнаа еден полицаец Албанец и му рекоа "еве ти еден лав", а тој почна да ме мава со железен стап насекаде по телото. Чекав да помине некој од колегите што има пиштол, затоа што сакав да се самоубијам - изјавил за медиумите Валентино Бошески веднаш по настанот.

Низ истата тортура поминал и Игор откако видел како го тепаат неговиот пријател и се обидел да му помогне. Лекарскиот извештај вели дека Валентинчо имал скршени ребра, пукнат черепот и коските на нозете и му фалеле заби, додека Игор имал големи модрици по телото.

Прилепската полиција категорично ги демантира ваквите тврдења и објаснува дека тие всушност ги спасиле "лавовите" од сигурен ќотек. Имено, откако двајцата го нападнале таксистот, диспечерот на компанијата ги информирал неговите колеги за инцидентот, кои веднаш дошле не местото на настанот. Тие ги нападнале двајцата "лавови", има нанеле полесни повреди, а прилепската полиција навреме дошла и ги спасила од групата таксисти. Потоа ги задржале во станицата неколку часа за да се отрезнат, им зеле изјави и ги пуштиле дома. Против двајцата потоа била поднесени прекршочни пријави.

(С.Т.-Љ.М.)

Prevzemeno od Dnevnik