"ДНЕВНИК": МУЏАХЕДИНИ НА "АЛ КАИДА" СЕ УТВРДИЛЕ ВО СКОПСКА ЦРНА ГОРА Скопје, 19 октомври (МИА)
- Египќанецот Заиман Завахири, помал брат на одговорниот за балканскиот штаб
на "Ал Каида" Ајман Ал Завахири, со околу 50 муџахедини од Босна, преку
Косово деновиве влегол во Македонија во реонот на Скопска Црна Гора, пишува
денешен "Дневник". Весникот од наши и израелски разузнавачи дознава дека муџахедините интензивно граделе фортификациски утврдувања на разни локации на скопската планина. Овие безбедносни служби тврдат дека подолго време во реонот на скопското село Рашче униформирани лица поставуваат утврдувања и копаат канали. Тие претпоставуваат дека цел на тие терористички групи е напад на клучниот водовод, од кој со вода за пиење се снабдува половина Скопје. Муџахединскиот вод на 113-та бригада на ОНА, "Исмет Јашари", кој има 25-30 луѓе, под команда на Сабедин Селмани, во вторникот влегол во Матејче. Заедно со муџахедините во тоа кумановско село влегла и специјалната единица за брзи интервенции на 113-та бригада наречена "Барути". Доверливи извори изјавија за "Дневник" дека единицата пристигнала заедно со својот командант Џемаил Љамаљари. Според информациите, оваа единица имала околу 40 луѓе. Не се исклучува можноста дека терористите на Косово биле стационирани во кампот за обука близу селото Ропотово до градот Косовска Каменица. Терористите од Косово биле прекомандувани во Матејче за да го спречат завчерашниот обид на конвојот со раселените лица што требало да влезе во селото. Претставниците на ОБСЕ што требало со конвојот да влезат во Матејче претходно биле во селото за да утврдат дали е безбедно раселените лица да ги посетат своите домови. Екипата на ОБСЕ по враќањето од селото на македонските и на српските жители на Матејче им соопштила дека во селото има околу 50 вооружени лица, кои рекле дека ќе пукаат во конвојот ако се доближи до Матејче. Поради тоа екипата на ОБСЕ го одложила влегувањето на конвојот во селото. Руската агенција "Итертас", повикувајќи се на извори од рускиот контингент војници на КФОР, потсетува "Дневник", завчера јави дека во американската зона на Косово албанските терористи имале тренинг-центар во кој се обучувале авганистански, алжирски и албански терористи, но претставници на КФОР вчера го демантираа тоа. Пред неколку дена слична информација дадоа и израелските разузнавачи. Руската новинска агенција информираше дека логорот се наоѓал кај селото Ропотово во близина на градот Косовска Каменица. Овој град е во близина на административната граница меѓу Косово и Србија кај Бујановац и Медвеѓа. Руските војници патролираат по дел од границата. Терористите што се обучувале таму ги предводел Заиман Завахири, прв советник на Осама бин Ладен и лидер на "Исламски џихад". Македонските разузнавачи ги потврдуваат овие информации и додадаваат дека по потпишувањето на Охридскиот договор, дел муџахедини што биле во Македонија се повлекле на Косово, а некои заминале во камповите на Кукс и Тропоја во Албанија. Заиман Завахири бил задолжен и за регрутирање исламски фундаменталисти, кои потоа се обучувале за терористички и самоубиствени акции. Неговиот постар брат Ајман Ал Завахири е одговорен за балканскиот штаб на "Ал Каида", кој според израелските разузнавачи треба да отвори втор фронт со НАТО на овие простори. Ајман Ал Завахири е основач на движењето "Исламски џихад", кое исто така дествува на Косово, пишува денешен "Дневник". |