|
Utrinski
vesnik:
Министерката
Илинка Митрева во седиштата на двете најмоќни
финансиски институции
Преговорите за
нов аранжман со ММФ ќе почнат во јануари
Од нашиот
известувач Слободанка Јовановска
|
|
 |
|
|
Илинка Митрева во Институтот за мир во
Вашингтон
|
|
|
|
ВАШИНГТОН -
Меѓународниот монетарен фонд се подготвува за
финансиски кам-бек во Македонија и веќе во
втората половина на јануари негови претставници
ќе допатуваат во земјата за да преговараат за
структурните прашања и за новиот аранжман меѓу
нашата Влада и оваа меѓународна финансиска
институција. Според очекувањата на Франек
Розвадовски, шеф на Мисијата на ММФ за
Македонија, можно е да почетокот на февруари тие
преговори да дадат и конкретен резултат.
Ова е клучната најава од Розвадовски, изнесена
во разговорите со министерката за надворешни
работи, Илинка Митрева, која на оваа тема,
покрај во ММФ, имаше разговори и во Светската
банка, со менаџерот за Југоисточна Европа и
директор за Македонија, Кристијан Портман. И
Розвадовски и Портман вчера изразиле задоволство
од цврстите уверувања пренесени од Митрева дека
новата Влада е решена да продолжи со
спроведувањето на структурните реформи во
земјата и за побрзо заздравување на односите со
овие две меѓународни финансиски институции, за
да се склучи аранжман со ММФ кој е значаен за
разнишаната макроекономска стабилност и ќе
ослободи значаен износ на средства одобрени од
ЕУ и други билатерални донатори. Пораката од
Македонија за Розвадовски и Портман била дека
новата Влада нема намера ниту да ги забавува,
ниту да ги одложува реформите, но дека смета оти
е неопходно динамиката на намалување на
буџетскиот дефицит да се приспособи на
економските можности на земјата, со цел да се
ублажат социјалните последици од реформите. Во
прилог на таквото барање Митрева го изнесе
податокот дека буџетскиот дефицит за 2002 година
е двојно поголем од планираното претходно и дека
место два сега изнесува четири отсто.
Розвадовски, откако ја изразил подготвеноста на
ММФ за продолжување на разговорите за стенд-бај
аранжманот со Македонија, се согласил и со
мислењето дека е потребно постепено намалување
на буџетското салдо до достигнувањето на
оптималното ниво. Заложбите на новата Влада тој
ги оценил како можност земјата, сепак, да тргне
со брз ритам во структурните реформи,
потенцирајќи дека е најважно да се создадат
услови за развој на економијата, а особено на
приватните компании, да се спроведе борбата
против корупцијата и да се стабилизира политички
и безбедносно земјата. Нему Митрева му ја изнела
и забелешката траншите и средствата сврзани со
склучувањето на аранжманот со ММФ да бидат
активирани со склучувањето на договорот, односно
да се скрати процедурата за нивното ослободување
која троши шест месеци.
Директорот за Македонија, Кристијан Портман,
најавувајќи ја денешната посета на Македонија,
ја нагласил решеноста на Светската банка да
стане наш главен финансиски партнер во
спроведувањето на реформите во наредниот период,
потенцирајќи дека тие сметаат дека имаат работа
со храбра влада. Тој најавил, исто така, дека
Светската банка ја формулира тригодишната
стратегија за поддршка на реформите во
Македонија и дека неа ќе ја дооформи во
соработка со нашата Влада, како и тоа дека се
подготвува студија за зголемување на
вработеноста во земјата, за која се очекува
поддршка од холандската влада.
Министерката Митрева во Вашингтон се сретна и со
конгресменот од Мичиген, Џо Кноленберг, со кој
разговараше за можностите за зголемување на
финансиската помош од САД за Македонија, како и
со претставници на Комитетот за НАТО и на
македонската дијаспора.
Во расправата за Македонија организирана
претходниот ден во Институтот за мир,
министерката одговори на повеќе прашања, во
најголем дел фокусирани на теми кои немаат
допирна точка со внатрешно-политичката ситуација,
што се доживеа како сигнал дека Македонија во
САД станува, во политичка смисла, нормална земја
за опсервација. Сепак, на инсистирањата на Џозеф
Диогарди дека новата Влада треба да покаже
политичка доблест и да побара самата од САД да
го симнат Али Ахмети од црната листа, Митрева
одговори дека меѓународната заедница сў уште
чека да види какво ќе биде однесувањето на ДУИ и
на нејзиниот лидер и дали тој целосно е посветен
на остварувањето на Охридскиот договор - па да
донесе таква одлука. Потенцирајќи дека тоа е
сепак одлука што треба да ја донесат
американските власти, а не Македонија, таа
потсети дека по покана на американска
организација Ахмети присуствуваше на меѓународен
форум во Луцерн и дека забраната за негов
престој во Швајцарија привремено беше
суспендирана. Фактот дека СДСМ има 60 пратенички
места во новиот парламент таа го искористи како
аргумент за да тврди дека вклучувањето во ДУИ во
новата Влада не е засновано врз математички
аргументи, туку дека пресудни биле политичките
мотиви, т.е. да се добие стабилна влада која ќе
работи за иднината на Македонија. Диогарди
најави дека веќе идната недела тројца членови на
ДУИ ќе престојуваат во Вашингтон, меѓу кои и
Агрон Буџаку, навестувајќи дека целта им е да го
симнат Ахмети од црната листа која ја спречува
неговата политичка промоција во Македонија и во
светот, околу што очигледно е мобилизирана
целата албанска дијаспора и нејзините лоби-групи
во Америка.
Околу прашањето дали има паралела меѓу нападот
на македонскиот конзулат во Карачи и убиените
Пакистанци во Македонија и дали станува збор за
одмазда, Митрева одговори дека истрагата сў уште
трае и дека таа ќе го покаже тоа најдобро, и во
зависност од неа можно е ова да биде еден од
случаите што ќе потпадне под јурисдикција на Хаг.

САД ќе отворат банка за финансирање на мали
бизниси во Македонија
Вашингтон
Ведран Андоновски
Македонската министерка за надворешни работи
Илинка Митрева на третиот ден од официјалната
посета на Соединетите Американски Држави се
сретна со заменик-помошникот секретар за
меѓународни односи во американскиот владин Оддел
за финансии,
Ненси Ли.
Според
Амбасадата на Македонија во Вашингтон,
министерката Митрева на средбата потенцирала
дека аранжманот со Меѓународниот монетарен фонд
е од голема важност за справувањето со
економските проблеми, постигнување на социјална
кохезија во Македонија и натамошното
унапредување на стабилноста во земјата. Според
истиот извор, г-ѓа Митрева побарала американска
поддршка во склучувањето на аранжманот, како
предуслов новата влада да остане посветена на
структурните реформи. Министерката Митрева со
својата домаќинка, заменик-помошник секретарот
за меѓународни прашања во американскиот владин
Оддел за финансии, Ненси Ли, разговарала и за
тоа како намалувањето на бројот на оние кои се
исклучени од данокот на додадена вредност може
да помогне во намалување на буџетскиот дефицит,
како и за факторот - мали бизниси во економската
ревитализација на Македонија.
Министерката Митрева, велат во Амбасадата во
Вашингтон, од американска страна била
информирана дека САД имаат одредена финансиска
помош за Македонија, што е поврзана со
склучувањето на аранжманот со ММФ, а која би се
наменила за буџетски трошоци, како и дека
планираат да отворат банка за финансирање на
мали бизниси во Македонија.
Доцна вечерва по македонско време, министерката
Митрева се среќава со вториот човек во
американскиот национален совет за безбедност,
Стивен Хадли, на разговор за кој во Амбасадата
укажуваат дека најповеќе ќе биде посветен на
македонската аспирација за членство во НАТО.
Македонскиот шеф на дипломатијата заминува од
САД во четврток.
|