11.08.2001
|
„Да не дозволиме Македонија да гори“, се нагласува во писмото на шефот на македонската дипломатија Илинка Митрева упатено до генералниот секретар на ОН Кофи Анан, првиот човек на НАТО Џорџ Робертсон и високиот претставник на ЕУ Хавиер Солана. Таканаречената ОНА под мотото поголеми малцински и човекови права сака да оствари промена на границите, поделба на Македонија и создавање на големо Косово и голема Албанија, истакнува Митрева во писмото, додавајќи дека тоа просто ќе значи војна каква што Балканот не памети. Митрева бара меѓународната заедница да признае дека т.н. ОНА е резултат на косовскиот хаос, таа по состав, по командниот кадар и логистиката е од косовската албанска провиниенција и дека главните конци се влечат од КЗК на чело со Агим Чеку. Можеме да го разбереме одсуството на храброст кај дел од меѓународната заедница која не сака да го соопшти фактот дека е жртва на погрешни проценки, но не и фактот дека граѓаните на Македонија кои 10 години градеа мир и соживот треба да ја платат цената на тие заблуди, констатира шефот на македонската дипломатија завршувајки го писмото до Кофи Анан. |