ПРЕТСТАВНИКОТ НА ОН ЗА БАЛКАНОТ, КАРЛ БИЛД, УПАТИ
ПИСМО ДО ЈАВНОСТА
Скопје, 21 јули (МИА) - Претставникот на Обединетите нации за Балканот, Карл
Билд упати писмо до светската јавност во кое се вели дека “развојот на настаните
во Македонија го исполнува со потиснат гнев и воочлива тага”.
“Можевме да се браниме дека не знаевме што не очекува со распаѓањето на
поранешна Југославија на почетокот на 90-тите, кога требаше да ја проучиме
историјата и можеби требаше да го почувствуваме потресувањето на тлото.
Грешкие се многубројни. Деновиве, кога се е грешка на Милошевиќ, чувствувам
потреба да кажам дека меѓународната заедница е исто така одговорна за
еднодецениските трагедии. Ние сторивме се што беше во наша моќ за да го запреме
насилството. Понекогаш преземавме дури болни чекори.
Од сево ова требаше да извлечеме поука. Јас не бев единствениот кој во секоја
прилика предупредуваше околу несигурноста за и околу Косово и дека пасивноста во
однос на агресивниот национализам без оглед од каде доаѓа, порано или подоцна ќе
го разгори балканскиот оган и во Македонија, која, можеби, е најголемиот проблем
во регионот.
Во текот на деведесетитте, Македонија ја чувавме под пазувите. Јас бев шеф на
Владата која одобри испраќање шведски војници на Баканот, кои таму заминаа под
јарболот на Обединетите нации за да ги обезбедат границите на Македонија и
нејзината стабилност, што се покажа многу успешно. Можеби не перфектно, но,
сепак Македонија стана демократија во која македонските и албанските партии ја
споделуваа власта, а се правеа чекори кон спроведувањето економски реформи.
Кревка држава во разединет регион.
Но, дојде до војната за Косово што значеше “крвна трансфузија” за балканскиот
национализам. Војната заврши без да биде постигнат мир. Прашањата за иднината на
Косово останаа без одговор. ООН доби задача на спроведување гигантска операција
со надеж дека сите проблеми ќе бидат решени сами од себе. Оваа мисла не само што
е наивна, туку е директно опасна за стабилноста на регионот.
Наследниците нека оценуваат дека мисијата на ООН и НАТО на Косово ги исполни
условите на Советот за безбедност за демилитаризација на УЧК - герилата. Јас им
припаѓам на оние кои критично гледаат на оваа точка. На вооруженото движење на
Косово, кое стана сојузник во борбата против Слободан Милошевиќ, не можеше
одеднаш да му се сврти грб, што резултираше со две парарешенија, две параармии и
две параорганизации.
Можеби доцна, но сепак му покажавме заби на српскиот национализам, но не се
осмеливме истото да го сториме со национализмот, облечен во друго руво.
Прашање на време беше кога сево ова ќе се прелее и во Македонија. Се сеќавам на
албанските лидери во Тетово пред една година. Бев потресен од тоа што го
доживеав и стравував од тоа што може да се случи. Сторив се што можев за да ги
мобилизирам и НАТО и ЕУ да дејствуваат поактивно. Но, во случајов, со потполно
право, тие свиреа прва виолина.
Така започнаа патувањата на Хавиер Солана наваму - натаму. Секое патување
резултираше со билтени за нов пробив и нови успеси. Но, оној чии очи беа
отворени, можеше да види дека се оди надолу и тоа со голема брзина. Бунтовниците
на ОНА отвораа нови фронтови. Агресивен опасен македонски национализам растеше
од недела во недела. Десетици илјади возрасни, деца и стари луѓе ги напуштаа
своите домови. Сцени кои сум ги видел и порано, општество во распаѓање, европска
држава на крајот на пропаста.
На Самитот во Гетеборг лидерите на ЕУ дискутираа за се друго, освен за ова. На
завршната прес - конференција, ЕУ не го ни спомена Балканот. Стана збор за
Кореја и Средниот Исток и многу други работи, но не за мирот во Европа.
Неделата што следуваше беше катастрофална. Сиромавиот Солана огласи најмалку два
пробива и успеси во преговорите. “Театарската претстава” стануваше се
посуреалистична. И одеднаш, се случи операцијата со бунтовниците со ОНА, која
можеби имаше моментен ефект, но во исто време ризикуваше да ја однесе државата
во амбисот на распаѓањето.
И Хавиер Солана и претседателот на Европската унија се најдоа во многу тешка
ситуација. Знам дека Ана Линд стори се што можеше, но НАТО консеквентно одбиваше
да се ангажира во нешто повеќе од постигнување договор. Со оглед дека
безбедносната ситуација се влошуваше, се влошуваа и можностите за постигнување
политички договор. Ништо ново. Ситуацијата ми е многу добро позната. За сето
време на војната во Босна, НАТО не посакуваше ништо друго, освен воздушен напад.
На земја беа пласирани сините шлемови на Обединетите нации. Во основа страдаа
луѓето, децата беа принудени да бегаат, се уриваа куќи, бројот на гробниците
растеше. Истото се случи и на Косово. Со воздушните напади ситуацијата само се
влоши.
На земја страдаа повторно невини луѓе. По извршените акции пилотите се враќаа во
своите комотни бази во убавата Италија, додека жртвите во ладилници беа
транспортирани и закопувани во масовни гробници. Не можам да се согласам со
морал на политика која не сака да го ризикува животот на сопствените луѓе, туку
единствено да изложува други на енормни страдања.
И сега, еве не повторно на истото. НАТО не сака да влезе и да ја стабилизира
безбедноста во Македонија, затоа што не е постигнат мировен договор. Наместо ова,
НАТО се ангажира во донесување половични решенија, кои носат половични резултати,
што само ја влошува ситуацијата. Зачудува спроведувањето на бунтовниците од
страна на американските војници од едно во друго село без да им биде одземено
оружјето. Прво ги нарекуваа терористи. Ако е така, тогаш зошто терористите се
експортираат без да бидат разоружани?
Јас сум голем приврзаник на НАТО, но во исто време и голем критичар на
кукавичлукот што постои во редовите на Алијансата. Воена сила мора многу
внимателно да се употребува, но секако тогаш, кога на мирот му се заканува
очигледна опасност.
Што ќе се случеше доколку се осмеливме да употребиме воена сила против српското
насилство на Вуковар или Дубровник на почетокот на југоловенската драма? Никој
не може да знае, но не сум единствен што смета дека разликата би била голема. Ќе
спасевме голем број животи.
И еве не повторно на истото. Се сеќавам на мојата прва средба со претседателот
Борис Трајковски пред Музичката академија во Стокхолм. Ме препозна и ме запре на
улица. Започнавме разговор за иднината. Штотуку се бев вратил од Босна.
Трајковски беше млад, надежен политичар на пропатување низ Европа.
Денес, Трајковски е претседател на Македонија и прави се што е во негова моќ, за
да си ја спаси државата. Тој преговара со Арбен Џафери, еден од
најсофистицираните политичари во тој дел од Европа што сум го запознал.
Насилството и се заканува на нивната земја, чекор по чекор. И едниот и другиот
се сведоци на победата на екстремистите од двете страни. Победа исполнета со
страв, сомневање и омраза.
Она што треба да се направи во Македонија, на Балканот и во Европа повторувам по
којзнае кој пат, е луѓето да живеат во мир без разлика на тоа дали станува збор
за Швеѓани или Данци, Англичани или Ирци, Шпанци или Баскијци, Сицилијанци или
Ломбардијци, Хрвати или Срби, Албанци или Македонци. Мора да се обидеме да
градиме мостови кои нема да можат да бидат урнати од силата на уништувањето.
Јас им припаѓам на оние кои долгорочно гледаат на Косово како на повеќе
неуспешен отколку успешен проект. Му застанавме на пат на угнетувањето од страна
на Србите и се надевам дека засекогаш му застанавме на пат на влијанието на
Белград врз Косово што влеа надеж кај мнозинството на населението. Но, не
успеавме да го одбраниме соживотот меѓу луѓето, како што впрочем говоревме во
нашите настапи. Близу еден милион бегалци од албанско потекло се вратија во
својата земја. Но речиси 250.000 припадници на други националности - најмногу
Срби беа принудени да бегаат пред национализмот кој сега го промени рувото.
Сега е во прашање Македонија. Скопје е главен град. Мнозинството е од славјанско
потекло. Но, во времето кога се уште постоеја доверливи статистички податоци во
овој град имало повеќе Албанци од кој било друг град во светот со можен исклучок
на Истанбул во времето на старата Империја. Насилството раѓа насилство и
национализам предизвикува национализам.
Дали во Европа ќе дојде до нови делби или нови линии на конфронтација, овој пат
на средината на еден европски град? Во Босна, реката Неретва го дели градот
Мостар. На Косово, реката Ибар го дели градот Митровица. Доколку истото се случи
со мостот на реката Вардар среде Скопје, тогаш Европа ќе загуби уште една битка.
Признавам дека го пишувам текстот со извесна патетика. Во период од две години
мојата задача доверена од генералниот секретар на ООН беше од советодавен
карактер. Немам ништо против маргинализацијата на ООН од страна на НАТО и
Европската унија. Сепак, мислам дека можеше да се стори повеќе, истото да не се
повтори.
Мојата задача за Обединетите нации полека се намалува. Се обидов да поставам
основа за мирот во Босна, каков - таков. Се обидов барем малку да придонесам за
големите промени во Србија. Бев принуден да се соочам и со тоа што се случува во
Македонија. Сигурен сум дека еден ден повторно ќе се вратам на Балканот, но
каков Балкан?
Денес испратив писмо до претседателот на Парламентот во кое побарав ослободување
од моите обврски како пратеник. Немам намера да се кандидирам на парламентарните
избори идната година. Моето место им го отстапувам на други кои сакаат да се
испробаат во политиката.
Заминувам од Парламентот по 25 години, што не е малку. Бев привилегиран, бидејќи
бев во центарот на случувањата. Овој период за мене е многу значаен. По
заминувањето од местото лидер на партијата на Модератите ја преземав задачата
доделена од страна на ООН. Тоа подразбираше отсуство од домашната политичка
сцена, поради што немам лоша совест, бидејќи работев за мирот. Мојот наследник,
БУ Лундгрен добро си ја врши работата. Тој е искусен, компетентен и добар
кандидат за местото премиер.
Во ова писмо би сакал да споменам и други работи, периодот поминат во Шведска на
Универзитетот “Сент Ендрју”, во врска со мојот почесен докторат, дозволете ми
малку и да се гордеам, реизборот на Кофи Анан за генерален секретар на ООН,
рестартирањето на Владата на Тони Блер итн.
Моите електронски писма стартуваа на почетокот на 1994 година, како еден вид
“јавен сервис”, преку електронската мрежа. Се надевам дека од нив имаше некаква
корист. Нивната иднина е неизвесна, бидејќи одлучив да го намалам темпото на
работата. Ви препорачувам на сите да го сторите истото. Вашите мислења се
секогаш добредојдени. Ви посакувам топло и долго лето”, се вели во писмото на
пратеникот на Обединетите нации, Карл Билд, упатено до јавноста.