"ВЕЧЕР": ДОБАР И ЛОШ ТЕРОРИЗАМ Скопје, 19 октомври (МИА) -
Терористичките напади врз САД и терористичката агресија врз Македонија многу
западноевропски политичари рекоа дека не може да се споредуваат, заменувајќи
го терминот терорист со екстремист, иако и самите на почетокот на кризата во
земјава ги ословуваа така, пишува денешен "Вечер". Рускиот претседател Владимир Путин на Американците им врати жешка шлаканица кога рече "секој напад врз САД е терористички акт, а врз Русија броба за човекови права", потсетува весникот. Но, очигледно е дека разузнавачите не размислуваат како нивните наредбодавачи и истакнуваат дека нема добар и лош тероризам, затоа не може Ал Каида и Осама бин Ладен да бидат лошите, а т.н. ОНА или УЧК и Али Ахмети - добрите. На ова прашање разузнавачите одговараат со споредба на начинот на кој дејствуваат. Но, и Ал Каида и т.н. ОНА напаѓаат врз легитимни цели на една земја како воени лица, полицајци, цивили, вршат бомбашки напади и етничко чистење, наведува "Вечер". Платените муџахедини се на списоците и на двете организации, користејќи ја исламската религија да прокламираат "света војна - џихад". Талибанците во Авганистан ги уништија верските храмови и споменици на културата кои опстојувале со векови, додека припадниците на т.н. ОНА го урнаа манастирот во Лешок и гробот на македонскиот просветител и преродбеник Кирил Пејчиновиќ - Тетоец, како и манстсирот во Матејче. Повикувајќи се на разузнавачки извори, весникот пишува дека Али Ахмети од ленинист-марксист станал ултранационалист, а Осама бин Ладен, од американски производ за борба против Русите во Авганистан, прераснал во исламски фундаменталист. Исто така, и Ахмети и Ладен и нивните организации, се чеда на американската разузнавачка служба, велат истите извори. Во овој момент и по двајцата се распишани потерници за тероризам, затоа, велат разузнавачките кругови, меѓу нив нема разлика. Според разузнавачките, периодот што следи за Западна Европа ќе биде борба за идентитет. Франција и Германија се соочуваат со исламскиот фундаментализам, а моментално, по христијаните-католици, муслиманите се најбројни во овие земји, додека за Париз се вели дека е најмуслиманскиот град по Каиро. Глобалната војна против тероризмот на САД и Велика Британија може да испровоцира замена на тезите и да дојде до судир меѓу христијанството-католицизмот и исламот, односно религиозна војна, што значи обединување на муслиманите во "света војна - џихад", потсетува "Вечер". Разузнавачките служби потенцираат дека Американците за првпат изгореле од својот оган - Осама бин Ладен, бидејќи "забегале" во левичарска политика, односно борба за човекови права. Затоа замената на тезите и во случајот со т.н. ОНА или ОВК, нивното "трансформирање" од терористички организации во ослободителни движења, предупредуваат повеќе странски служби, може да им се врати како бумеранг на сите оние што го помогнале нивното постоење. |
|