ДНЕВНИК: БИН ЛАДЕН САКА ДА ЈА КОНТРОЛИРА МАКЕДОНИЈА ПРЕКУ АЛБАНСКИТЕ НАРКОТЕРОРИСТИ

Скопје, 20 септември (МИА) - Канадскиот Центар за мир на Балканот тврди дека Осама бин Ладен знае дека албанскиот наркотероризам може да му помогне да стане уште помоќен и да контролира една или повеќе земји во нашиот регион, пишув а денешен 'Дневник". Практично, тврди Центарот, тоа би биле или Албанија или Македонија или двете држави. "Политички тоа веќе се прави преку канали од кои со профитот од наркотероризмот се снабдуваат локалните влади и политичките партии во овие земји", вели најновата анализа на овој центар.
Стратегиски Македонија е важна земја за Бин Ладен и од друга перспектива. Оваа земја е на средината на патот меѓу Исток и Запад и на терористот му отвора можности за контролирање на новиот нафтовод, кој од Бургас до Драч минува преку Македонија. На тој начин Осама бин Ладен може да го контролира снабдувањето на САД со нафта.
Американските разузнавачки служби, се вели натаму во написот, ги испитуваат врските меѓу терористите што ги извеле четирите киднапирања на авиони минатиот вторник во САД и членовите на организацијата на Осама бин Ладен во Албанија, тврди во своето издание од 18 септември американскиот весник "Вашингтон тајмс". Висок функционер на разузнавачките служби на САД врските на киднаперите со Албанија ги опишал како "поддршка" и одбил да даде повеќе детали.
Истрагата во Албанија е една од повеќето што ЦИА ги спроведува низ целиот свет затоа што се верува дека Бин Ладен и неговата организација Ал Каед имаат помали групи терористи во околу 60 земји во светот. "Вашингтон тајмс" на 22 јули годинава напиша: "Осама бин Ладен е најголемиот финансиски снабдувач на Ослободителната национална армија во Македонија каде што тој има личен претставник, кој досега платил шест до седум милиони долари за потребите на ОНА. ОНА се бори за да задржи контрола врз шверцот на дрога во регионот, кој е прераснат во голем вносен бизнис од косовската војна. Освен парите од дрогата, вториот голем извор на финансии за ОНА е Осама бин Ладен", тврди "Вашингтон тајмс".
Од средината на 90-тите години членовите на Бин Ладен се стационирале во Тирана и во уште два помали града во земјата, изјавиле американски функционери за "Вашингтон тајмс". Исламските радикали, вклучувајќи ги и приврзаниците на Бин Ладен, ги поддржувале борците на косовската УЧК, кои имале можност да се тренираат во камповите на Бин Ладен во Авганистан, потсетува весникот.
Според американската влијателна аналитичка куќа Стратфорд и нејзиниот извештај за врските на Бин Ладен во Албанија објавен во јануари годинава, се тврди дека саудискиот милијардер се обидува да ја обнови својата мрежа во оваа земја. Таа мрежа постоела се до 1998 година и била диригирана од египетската исламска организација Џихад. Според американски официјални претставници што ги цитира агенцијата УПИ, оваа мрежа била многу значајна за Бин Ладеновите операции во Европа. Албанија била главниот транзит за исламските милитанти, а според албанската разузнавачка служба Шик, Бин Ладен ја користел Албанија за место од кое испраќал борци во редовите на УЧК на Косово. Стратфорд ја цитира изјавата на шефот на Интерпол Ралф Мучке дадена на 13 декември 2000, кој вели дека УЧК добивала помош од Бин Ладен и дека еден воен командант на организацијата на Бин Ладен и брат на лидер на Џихад, бил на чело на елитна единица на УЧК за време на косовскиот конфликт.
Во 1997 по падот на владата на Сали Бериша новата социјалистичка влада им помогнала на САД во борба против мрежата на Бин Ладен во Албанија и екстрадирала седум исламски милитанти. Бин Ладен како одговор се заканил дека ќе ја нападне американската амбасада во Тирана, а во јули 1999 американскиот државен секретар за одбрана Вилијам Коен морал да го откаже патувањето во Албанија и на Косово поради информации дека Бин Ладен се заканил дека ќе го убие. Од крајот на косовската војна Албанија уапсила десет исламски терористи, а последното апсење датира од 30 октомври 2000 со апсењето на Египќанецот Сабер Саликман, кој според податоците на ЦИА бил на платниот список на Бин Ладен.
Стратфорд во својот јануарски извештај, пишува весникот, тврди дека Бин Ладен, исто како и клановите од северот на Албанија и албанските косовски милитанти, има интерес да ја дестабилизира и уништи албанската влада. Обидите да се инфилтрираат приврзаници на Бин Ладен во Албанија направени во октомври минатата година наведуваат на заклучокот дека тој и понатаму се обидува да креира нова мрежа во регионот. Стратфорд заклучува дека тоа би било пречка за напорите на КФОР да го стабилизира Балканот и би ги натерале САД дефинитивно да се повлечат од овој дел на светот.
Според "филтрирани" разузнавачки податоци, постојат цврсти врски и меѓу ОНА и исламските фундаменталисти и муџахедини. Во интерес на "големите истражни дејства" што се преземени во земјава и во регионот за откривање на исламистичките групи на Осама бин Ладен, не се откриваат повеќе информации.
Меѓутоа, со сигурност се знае дека организацијата на Али Ахмети - ОНА има цврсти врски со исламските фундаменталисти и оти во нивните редови се борат и муџахедини. Имено, истрагата по масакрот во Вејце докажа дека тој е изведен под водство на еден муџахедин. Исто така, постои и цврст доказ за поврзаноста на "командант Тели", еден од главните команданти на ОНА, со двајца муџахедини што извесно време престојувале и во скопската населба Гази Баба. Петчлената група на "командант Тели" беше ликвидирана на Гази Баба, во станот во кој претходно престојувале муџахедините, но двајцата "свети борци" тогаш не биле во станот. За еден од муџахедините се претпоставува дека е еден од европските сателити на Бин Ладен, кој престојувал во неколку западноевропски земји, а во Македонија дошол преку Косово со босански пасош, пишува денешен "Дневник".