КАРЛО УНГАРО: АЛБАНСКИТЕ ТЕРОРИСТИ СЕРИОЗНО ГО ПРЕКРШИЈА ПРЕКИНОТ НА ОГНОТ

Скопје, 25 јули (МИА) - "Илегалното запоседнување територии во Македонија од страна на илегалните албански вооружени групи е во спротивност на военото право, кои, овие групи тврдат дека го почитуваат", изјави денеска во Скопје шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија, Карло Унгаро.
Тој потенцираше дека ваквите активности на албанските терористи претставува сериозно прекршување на прекинот на огнот и е во спротивност со основните принципи за почитување на човековите права. Според Унгаро, ОБСЕ не може да стори ништо друго, освен најенергично да ги осуди ваквите активности.
Истакнувајќи дека ОБСЕ во Македонија работи врз основа на многу прецизен мандат, кој не дозволува преземање иницијативи и акции, Унгаро рече оти нивната активност мора да биде ограничена на набљудување и известување, а понатамошната активност зависи од луѓето кои ги добиваат тие извештаи.
"Во однос на ова, ве уверувам дека мисијата на ОБСЕ ги презема сите активности и конкретни резултати ќе бидат видливи за неколку дена", рече шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија.
Унгаро истакна дека прекините на огнот никогаш не се докрај успешен, бидејќи секогаш се прекршувани, каде и да биле прогласени, но оти постојат мали прекршувања и сериозни прекршувања на договорот.
"Секако дека ние забележавме што се случуваше во околината на Тетово, но ние не можевме да преземеме ништо, бидејќи не сме воена организација", рече Унгаро, додавајќи дека една од причините за нарушување на прекин на огнот е "да се заземе повеќе територија, што беше случај и овојпат".
"Со македонската Влада денеска ги расчистивме недоразбирањата во однос на тоа дека ОБСЕ не прави ништо околу етничкото чистење во тетовските села, бидејќи во основата на овие недоразбирања беше погрешно сфатена улогата на ОБСЕ во Македонија", рече Унгао и дополни дека македонската Влада не побарала од ОБСЕ да ја напушти држвата, бидејќи за тоа нема причина.
На денешната прес-конференција на Унгаро, која главно беше посветена на синоќешните настани кога голем број од возилата на оваа организација беа уништени, тој рече дека тоа било "симбол на бес и фрустрација", кои можат да бидат разбрани со оглед на актуелната ситуација, но неможат да бидат и оправдани.
Коментирајќи ги синоќешните случувања, Унгаро рече дека во случај кога масата ќе излезе од контрола, полицијата е прилично беспомошна, бидејќи лесно можат да бидат обвинети за прекумерна употреба на сила.
"Затоа не можеме да ја обвиниме полицијата или Министерството за внатрешни работи за нешто што можеше да се случи на кое и да е друго место во светот," прецизираше Унгаро.
Тој истакна дека ОБСЕ не е западноевропска организација, а дел од неа е и Република Македонија. Унгаро потенцираше извештаите на одредени медиумски куќи за ОБСЕ се сосема погрешни, но и опасни за членовите на мониторинг мисијата, кои "извршуваат многу ризична работа во интерес на Македонија".
"Извештаите според кои, некои од набљудувачите со нашите возила носеле оружје и друга опрема за илегалните албански вооружени групи или извештаите дека со автоматско оружје било пукано од возила на ОБСЕ кон полициските пунктови никому не користат и се многу опасни за нашите луѓе", рече тој.