|
| Засега сеуште не е
јасно кој стои зад нападот |
| |
| |
Три лица загинаа во експлозија на бомба во почесниот конзулат на
Македонија во пакистанскиот град Карачи, што се случила синоќа по
европско време. МНР го осуди терористичкиот напад, изразувајќи „силна
огорченост и длабоко жалење за трите жртви на тој гнасен чин“.
Тројцата загинати Пакистанци, според полициски извори, пред
експлозијата биле заврзани, при што двајца од нив и заклани. Еден од
убиените бил чувар на конзулатот, додека на другите двајца, еден маж и
една жена, идентитетот се уште не им е познат.
Пакистанската полиција, во соработка со експерти од ФБИ и британските
разузнавачки служби, врши увид на местото на настанот, но засега сеуште
не е јасно кој стои зад нападот. Според шефот на локалната полиција, „се
чини дека станува збор за акт на тероризам“.
Македонското министерство за надворешни работи го осуди
терористичкиот напад, изразувајќи „силна огорченост и длабоко жалење за
трите жртви на тој гнасен чин“.
МНР веќе презело соодветни активности и побара од пакистанските
власти објаснување за настанот, како и цврста гаранција за заштита на
личниот интегритет на македонскиот почесен конзул во Пакистан, Балил
Ахмед Куреши, инаку брат на поранешниот вршител на должност премиер на
таа земја, Моен Кереши.
Според сознанијата што ова министерство ги добило од својот почесен
конзул, се работи за мошне професионално изведен терористички акт, а
според непотврдени информации, како можен организатор на терористичкиот
акт се споменува пакистанската фракција на организацијата Ал Каеда.
Пакистанските полициски власти не исклучија и можен одмазнички напад
поради убиството на исламистичките екстремисти од страна на македонската
полиција.
Седум странски државјани, од кои шест беа Пакистанци, беа убиени
годинава во близина на Скопје од страна на полицијата во месноста
Раштански Лозја.
Според официјалната верзија на настанот, станувало збор за престрелка
меѓу полицијата и терористичка група блиска до Ал Каеда и до УЧК, која
планирала серија напади врз странски амбасади во Скопје.
Официјалната верзија беше оспорувана повеќепати во изминатите месеци
од странски новинари кои го истражуваа случајот, а и од дел од
претставниците на странските дипломатски мисии во Скопје, кои тврдеа
дека станувало збор за економски емигранти.
Пред една недела, сомневање во официјалната верзија на настанот
изнесе и поранешен советник за антитероризам на екс-министерот за
полиција Љубе Бошковски.
Карачи и претходно неколку пати бил место за напади врз странски
мисии и христијански претставништва.
Prevzemeno od A1 TV Web. |